5 години #СподелиАвторка #Ndajmenenjëautore

По повод петтиот роденден на #СподелиАвторка, во Лабораториум заедно прославивме пет години женско писмо, феминистичка мисла, заедничарење и солидарност.

Со многу емоции, насмевки и по некоја солза, но и со силна желба оваа иницијатива да продолжи да расте, уште еднаш потврдивме колку е важно да постојат простори во кои женските и квир гласови се слушаат, споделуваат и поддржуваат.

Ви благодариме на сите што бевте дел од роденденската прослава и на сите кои во изминативе пет години помогнаа #СподелиАвторка да опстане и да се развива — преку донации на книги, поддршка, време, грижа и заедничка работа.

Особено сме среќни што и оваа година собравме голем број книги кои наскоро ќе го најдат своето место во библиотеки, младински центри и јавни установи низ земјата, продолжувајќи да ја шират феминистичката и квир литературата до нови читателки и читатели.

Во текот на вечерта Александра Спасеска разговараше со уредничката Душица Лазова од Медуза, дизајнерката Ирина Тошева, Марија Бошковска од Штефица Цвек и Марија Велинова од Култура Бета за значењето на заедничарењето, женските иницијативи и феминистичката мисла. Уживавме во работилницата со Медуза за препев на поезија и во поетското читање со 15 поетеси како и во музиката на DJ Marigo, славејќи ја заедницата што заедно ја градиме.

#СподелиАвторка продолжува да расте како простор за читање, споделување, грижа и видливост. Со заедништво и солидарност продолжуваме да го шириме женското и квир творештво и да создаваме уште повеќе катчиња за поддршка, знаење и отпор.