Вториот менторски круг со девојките од менторската програма за млади Ромки го посветивме на граѓанскиот ангажман и уметноста, односно како може да се изразиме преку нашето културно наследство и уметноста, а притоа да ја подигнеме и свеста за важноста на творење на мајчин јазик и од сопственото искуство и потекло.
Заедно со Џемилиана Абдулова, уметница, писателка, активистка и претседателка на Ромскиот културен и медиа центар „Бариканипе“ девојките се изразуваа креативно преку пишување на писмо до себе за тоа како ја замислуваат иднината и каде се гледаат за неколку години од сега.
Воедно, се отворија и прашања за ангажирање во заедниците преку уметност и ширење и зачувување на културното Ромско наследство, но и како преку мали чекори да се почне да се твори и создава за да се остварат зацртаните цели и желби за иднината.
Џема го сподели своето искуство со уметноста и како и помогнала да се охрабри и да ја споделува својата приказна преку пишување поезија, уметнички перформанси и цртање, а девојките отворено зборуваа за своите идеи и следни чекори како и за поддршката во заедницата.
Активностите се спроведени во рамките на проектот „Вкоренети во солидарност: Ромки кои водат со глас, визија и моќ“, кој е финансиран од Европска Асоцијација за Локална Демократија (ALDA) и Agence Française de Développement (AFD)


