Сара Миленковска 

Коосновачка на Мрежа Стела

Сара Миленковска е феминистичка активистка, истражувачка и комуникаторка, ко-основачка и програмска менаџерка на Мрежата Стела – женска, солидарна мрежа за менторство која ги поврзува и поддржува девојки и жени во нивниот академски и професионален развој. Во рамки на Стела, таа учествува во стратешкото развивање на програмите, менторските процеси, феминистичките работилници и кампањите за застапување насочени кон унапредување на родовата еднаквост.

Заедно со тимот и заедницата на Стела, Сара придонесува кон развојот на иницијативи како #СподелиАвторка, преку која се донирани илјадници книги од феминистичка и квир литература низ Македонија. Нејзината работа е силно поврзана со разбирањето на грижата како политичка пракса – основа за колективна акција, одржливост и заедничка трансформација.

Сара има магистратура по род, политика и нееднаквост од Лондонската школа за економија и политички науки (LSE), како и магистратура по стратешки комуникации од ИКС Скопје. Нејзината академска работа е посветена на колективната грижа како алатка за отпор, заедништво и замислување поинаква иднина, што се отсликува и во нејзината работа во Стела и во поширокото феминистичко организирање.

Воедно, таа е проектна координаторка во Коалиција МАРГИНИ, каде работи на проекти поврзани со спротивставување на анти-родови наративи, дигитално родово базирано насилство и стеснување на граѓанскиот простор. Во оваа улога, таа придонесува и кон процеси на застапување пред европски институции, со фокус на родова еднаквост, ЛГБТИК+ права, граѓански простор и усогласување на националните политики со меѓународните стандарди за човекови права.

На меѓународно ниво, Сара учествувала во процеси поврзани со Commission on the Status of Women (CSW), како и во Глобалниот дијалог на Обединетите нации за технологија, каде придонела кон внесување феминистички перспективи во дебатите за дигитална безбедност, родова еднаквост, технолошко-посредувано родово насилство и анти-родови движења. Нејзината работа во меѓународни и европски простори е насочена кон поврзување на локалните искуства од Западен Балкан со пошироки процеси на феминистичко, ЛГБТИК+ и демократско застапување.

Сара ја темели својата работа на интерсекциска анализа, солидарност и грижливо организирање. Преку својата работа во Стела, Коалиција МАРГИНИ и пошироките феминистички простори, таа придонесува кон градење заедници, знаење и практики што ја унапредуваат родовата правда.