Блог

Повик за апликации

Позиција: Проектен/на координатор/ка, Мрежа Стела 

Период на вработување: скратено работно време, 1 февруари 2020 – 30 jyни 2020 (пет месеци), со можност за продолжување на договорот

За Мрежата Стела

Стела е граѓанска организација иницирана од група ентузијастки кои сакаат да го подобрат пристапот до високо образование и економско омоќување за жени и девојки во земјата и светот. Стела ги поврзува жените и работи на креирање мрежи на солидарност, знаење и искуство. Низ различните проекти и активности, организацијата цели да придонесе кон дискусија на државно ниво за општествените и структурни пречки со кои мораме колективно да се соочиме за да ги поддржиме жените и девојките во нивното идно себеостварување. Нашиот тим цврсто верува во важноста на поддршката и заедништвото при развивањето на нашите потенцијали.

За проектите

Проектот „Заедно се издигнуваме: Со претприeмачки кон јакнење на руралните заедници“ има за цел да понуди обуки и поддршка преку менторирање за жени и девојки од руралните средини кои имаат идеи за отпочнување сопствен бизнис. Проектот се фокусира на рурални и маргинализирани заедници и ќе опфати различни региони од земјата. Стела ќе овозможи индивидуално менторство преку постоечката Женска менторска мрежа, како и обуки и можности за вмрежување со цел зајакнување на претприемачките вештини и развивање на бизнис идеите на девојките и жените од овие заедници.

 Проектот „Поддршка на економско јакнење на девојките и жените во руралните средини“ цели да ги поврзе жените и девојките кои работат/сакаат да работат во сродни области и да понуди информации за постоечките можности за економско вклучување и омоќување. Стела цели кон економско омоќување на жените и девојките од руралните средини преку вмрежување со други жени и девојки и преку споделување на информации, можности и знаење. Проектот ќе се спроведува регионално, поврзувајќи жени и девојки во претежно рурални општини во секој од трите плански региони со највисока стапка на невработеност: Југозападен, Североисточен и Полошки регион. 

Во имплементирањето на проектите, Стела ќе соработува со различни министерства, општини, граѓански организации и професионални мрежи во земјата. 

Одговорности

Под надзор и во координација со тимот на Стела, проектниот/ната координаторот/ка ќе ги има следните одговорности:

Раководење со севкупниот проектен циклус, вклучувајќи спроведување проектни активности, финансиско и административно координирање на проектите, финансиско и наративно известување, следење и оценка;

Извршување општи административни задачи, вклучително но не исклучиво логистичка поддршка, водење документација на проектите, координирање на исплати, координирање на превод и печатење материјали, документирање и ажурирање на податоци поврзани со проектите, подготовка и уредување на документи и договори.

Комуникација со јавност и трети страни, вклучувајќи претставување на организацијата на настани, конференции, тренинзи, како и настани организирани од донатори и партнерски организации, редовно ажурирање на социјалните медиуми со содржини за проектни активности, обезбедување видливост на донатори и партнери на документи, настани и медиумски настапи.

Квалификации

Задолжително:

Работно искуство: кандидатката/от треба да има најмалку една година претходно работно искуство во координирање и/или управување на проекти.

Образование: кандидатката/от мора да поседува универзитетско образование. Магистратура се смета за предност. 

Вештини со дигитални и традиционални медиуми: кандидатката/от треба да е удобна/ен со медиумски настапи и да има искуство со јавно претставување. Кандидатите треба да бидат способни да управуваат со профили на социјалните медиуми, вклучувајќи управување и ажурирање на Facebook страница и подготвување на содржини за веб страницата на проектот. 

Јазици: Професионална употреба (пишана и говорна) на македонски и англиски јазик. Познавање на албански јазик се смета за предност.

 Општи компетенции: Познавање и изложеност на теми поврзани со омоќување на жените и девојките, вклучувајќи пристапи кон решавање на чувствителни теми и нивните политички, етнички, расни, родови и социо-економски димензии; Запознаеност со тековниот политички и општествен контекст во Македонија; Запознаеност со административно управување и практики на буџетирање; 

Вештини за добро менаџирање на време – проектите се ориентиран на резултати, така што координаторот/ката се очекува да работи од дома и независно да ги приоритизира времето и трудот според проектниот план. Повремено потребна е достапност и можност за патување во различни места во рамки на државата. Достапност за известување на тимот и донаторите согласно договореното.

Процес на пријавување

Заинтересираните кандидат(к)и треба да испратат своја биографија (CV), мотивациско писмо (не повеќе од една страница) и контакт детали на две лица кои може да дадат препораки во случај кандидатката/тот да влезе во потесниот круг до 13 јануари 2020 година на [email protected]. Избраните кандидатки и кандидати ќе бидат поканети на интервју со тимот на Стела

Post a comment