Работам како проектна координаторка. Формалното образование (Извршен МБА и диплома по Комуникациски науки) ми ги даде темелите и основните вештини и знаења кои ми помогнаа во мојата кариера. Сепак, моето вистинско образование и вистински важните лекции се нешто што го стекнав надвор од училницата, преку личното искуство, волонтирањето, набљудувањето на луѓето во мојот живот, курсевите за себеразвивање и различните методи на неформално образование што го помогнаа мојот развој и доведоа до тоа да станам личноста која сум денес. Овој процес ми помогна да се соочам со своите и јаки и слаби страни како личност и како професионалка, и ми помогна да се посветам на аспектите што би сакала да ги променам или подобрам. Овој континуиран процес ми помага и подобро да ги разберам и да ги ценам луѓето околу мене, но исто така и да се вреднувам и да се ценам себеси за она што сум и она што сакам да станам. Иако бев малку скептична, сега од лично искуство знам дека не постои цел во животот што не може да се постигне. Она што е потребно е правилен став, намера, самодисциплина и упорност. Имаше моменти во мојот живот кога дури и не можев да верувам дека целите што некогаш ги сметав за толку недостижни се материјализираа пред мене. Она што ме мотивира е споделувањето на тие искуства и помагањето на другите да истраат во своите намери и да напредуваат во своите животи. Она што јас би сакала е да ги поддржувам другите во одржувањето на позитивен став кон животот, градење конструктивни врски и остварување на својот целосен потенцијал.