Виѓиленца Абази е доцентка по Европско право при Универзитетот на Мастрихт, со еднодецениско искуство во граѓанскиот сектор во Европа, каде има работено на широк спектар на прашања поврзани со демократското владеење и темелните права. Длабоко загрижена поради недостатокот на ресурси и поддршка за образованието во Македонија, Виѓиленца ја презеде иницијативата да го собере тимот на Стела врз основа на цврстото заедничко верување за негување на стремежите што ги имаат девојчињата и жените. Поддршката од ментор(к)ите е клучна во образованието и животот. Всушност, токму нејзината менторка ја охрабри да продолжи со докторски студии додека ги завршуваше магистерските студии на Универзитетот во Амстердам. Менторската поддршка беше од инструментално значење за неа во пишувањето на нејзината апликација за докторски студии и при правењето на првите чекори кон изградба на академска кариера. Сега како професорка, го цени менторството уште повеќе и е убедена дека добар/ра ментор/ка може да придонесе кон носење позитивни, пресвртни одлуки и остварување на нашиот сопствен потенцијал. Ова е во сржта на заложбите на Стела и Женската менторска мрежа на Стела. Проширувајќи ја Стела и надвор од Македонија, како добитничка на Стипендијата Фулбрајт со престој во Њујорк во текот на 2018-та година, со поддршка на Фулбрајт Њујорк Чаптер, Стела сега има и работна база и во Њујорк.