Образованието коренито го смени она што сум. Во текот на животот сум имала разновидни образовни искуства, овде во Македонија и во странство, кои ја обликуваа мојата перспектива кон работата, високото образование, врските, образованието и животот воопшто, изложувајќи ме на широк спектар на луѓе, мислења, искуства и реалности.

Како мало девојче, 2 години живеев во Мисрата, Либија, каде што моите родители работеа во градежната индустрија. Поминав поголем дел од времето во училиште со деца од различни националности. Живо се сеќавам на моето искуство таму и со задоволство му се навраќам. Се сеќавам дека за време на утринска рутина требаше сите деца да седнат во круг и потоа сите пеевме песнички на арапски, српскохрватски и француски јазик. Наставничките ги развиваа концептите на љубов, почит, толеранција славејќи ги и Божиќ и Рамазан со еднаква важност, учејќи не за Дедо Мраз, Господ, Мухамед. Времето поминато во Либија, според сите параметри, беше среќно време во моето детство, што верувам дека го поттикна чувството за космополитство.

Исто така живеев во САД во текот на едногодишната програма за размена на студенти во Порт Орчард, Вашингтон, за време на мојата последна година во средно училиште. Ова искуство го смени мојот живот на многу начини. И покрај бројот на години што минаа, јас продолжувам да одржувам контакти со моите родители-домаќини и со многуте луѓе со кои се спријателив пред 25 години.  Среќавањеo на брилијантни студенти и инспиративни професори/ки во огромна мера го обликуваше мојот професионален живот. Оваа програма исто така ми помогна да ги ценам културите не само на американскиот народ, туку и на луѓето ширум светот. Часовите на кои присуствував и сеќавањата што ги стекнав во средното училиште Јужен Кицап ќе останат со мене засекогаш. Овие две образовни искуства ги сметам за формативни. Тие ме обликуваа во личноста во која сум денес – силна застапничка за еднаквост и пристап до образование за сите деца. Тие исто така беа одредувачки фактор во мојата одлука да започнам кариера во образованието.

Пред петнаесет години, донесов животоменувачка одлука: Дадов оставка од мојата сигурна работа како професорка по англиски јазик во престижно јазично училиште со цел да работам во новооснована приватна установа за високо образование, прва во земјата. Зошто решив да ја прекинам просперитетната кариера и финансиски сигурното работно место за можноста да отпочнам со ризичен потфат? Се сведува на тоа дали сакам да бидам човек што само чита за оние што направиле промена, или пак да сум таков човек.

Како воспитувачка, сметам дека мојата работа е извонредно ми одговара – мојата улога не е само да давам знаење, туку исто така и да ги зајакнувам и просветлувам младите. Во петнаесетте години како професорка на универзитетот ФОН, имав среќа од блиску да гледам како се развива историјата – помагајќи во развојот на првиот приватен универзитет во Македонија. Ова уникатно искуство ми помогна да сфатам дека повеќе сакам да останам на позиција да вршам влијание во образованието отколку да бидам неутрален набудувач. Значи, верувам дека ова докажува дека можам да го додадам епитетот визионерка во мојот список на лични квалитети.

Ова е она што ме води во животот – можноста да направам нешто уникатно, моќно и вредно.