Елена Б. Ставревска е научничка во областа на мировните студии, која моментално работи во Центарот за жени, мир и безбедност на Високата школа во Лондон за економија и политички науки. Образованието и родовата еднаквост отсекогаш биле нејзина страст. Делумно тоа се должи и на искуството на мајка ѝ, која се соочила со предизвик да го продолжи образованието во време кога од девојчињата, особено во руралните средини, не се ни очекувало да одат на училиште, но таа опстоила и станала првата жена од нејзиното село која отишла на факултет и се здобила со универзитетска диплома. Знаејќи колку длабоко образованието влијаело врз животот на мајка ѝ и врз нејзиниот сопствен живот и сфаќања, по завршувањето на докторските студии на Централноевропскиот универзитет, Елена избра кариера во високото образование, комбинирајќи предавања и истражување.

Врз основа на различните искуства и ангажмани, таа е акутно свесна за исклучителната улога на менторството и мрежите и системите за поддршка во омоќувањето на девојчињата и жените. Токму ова е и причината зошто веднаш се одзва на можноста да стане дел од основачкиот тим на Стела, надевајќи се дека ќе успее да ја развие Стела во корисна платформа што ги зближува луѓето, како и во двигател на важни национални дискусии за родовата еднаквост, образованието и економското омоќување.